“Граѓански Буџет“ претставува основна алатка за унапредување на транспарентноста и отчетноста на општината. Преку него ќе бидат објаснети приходите и расходите на општината во текот на годината, процесот на донесување на Буџетот и проектните активности кои треба да се реализираат во текот на годината.
Целта на подготовката на Граѓанскиот буџет е да обезбеди поголема информираност на граѓаните за буџетот на општината на полесен и достапен начин.
Согласно Законот за буџетите, буџетот на локалната самоуправа, претставува годишен план на приходи, други приливи и одобрени средства. Во него се вклучени: основниот буџет, буџетот на самофинансирачки активности, буџетот на донации, буџетот на дотации и задолжувањето.
Во процесот на буџетирање, содржината и програмите од кои се состои буџетот се усогласени со унифициран начин на припрема и изготвување на буџетот, утврден од Министерството за финансии. Општинскиот буџет се состои од општ и посебен дел.
Главните учесници во процесот на буџетирање на локалната самоуправа се: министерството за финансии, градоначалникот, советот на општината, корисниците на буџетот, граѓаните на општината, разни здруженија и невладини организации и општинската администрација.